Родителите на 24-годишната Сијан Панин, една од жртвите во катастрофалниот пожар во барот „Констеласион“ во швајцарското скијалиште Кранс Монтана, тврдат дека нивната ќерка била систематски експлоатирана од сопствениците на локалот. Панин загина во пожарот што избувна за време на новогодишната ноќ, во кој животот го загубија вкупно 40 лица, а 116 беа повредени.
Според наводите на семејството, Сијан работела без писмен договор и без редовна плата, започнувајќи го денот во ресторан за брза храна, исто така во сопственост на семејството Морети, а завршувајќи го во барот „Констеласион“ во раните утрински часови. Нејзините родители, Жером и Астрид Панин, преку својата адвокатка наведуваат дека таа била доведена до физичка и емоционална исцрпеност.
Сопствениците на барот, Жак и Џесика Морети, пред обвинителите изјавиле дека Сијан ја сметале за дел од семејството, но нејзините родители ги отфрлаат тие тврдења. Тие истакнуваат дека Сијан повеќепати се жалела на условите за работа и чувството дека е искористувана, како и на недостатокот на емпатија од нејзините работодавци.
Во соопштението се наведува и дека непосредно пред трагедијата, Панин поднела тужба против сопствениците, со која барала писмен договор и исплата на заостанати плати. Според истрагата, пожарот бил предизвикан од огнени прскалки кои ја запалиле звучноизолациската пена на таванот, по што огнот брзо се проширил и ги заробил посетителите.
Родителите тврдат дека Сијан носела кацига по налог на менаџментот, што, според медиумските извештаи, ѝ ја ограничило видливоста и не ѝ дозволило навреме да ја забележи опасноста. Тие истакнуваат дека не добила никаква обука за безбедност и не била информирана за ризиците во објектот.
Против сопствениците на барот се води истрага под сомнение за убиство од небрежност. Жак Морети е во притвор, додека неговата сопруга се брани од слобода со кауција. Адвокатите на семејството Морети засега одбиваат да дадат коментар.









