Поранешниот главен стратег на Белата куќа, Стив Банон, изјави дека Канада станува следното големо геополитичко жариште за САД, поради растечкото кинеско влијание и, како што тврди, неможноста на Отава да ја брани својата северна арктичка граница. Во изјава за „Дејли меил“, Банон оцени дека претседателот Доналд Трамп ќе заземе цврст став кон Канада во рамки на проширувањето на американската доктрина за Западната хемисфера.
„Следната голема работа ќе биде Канада. Таа е како Украина – не може да ја брани својата северна арктичка граница, а Кина ќе се обиде да влезе и да го прошири своето влијание“, изјави Банон, додавајќи дека Трамп ќе биде „жесток“ во односите со Отава.
Според него, уште за време на првиот мандат на Трамп била формирана арктичка работна група, која ја нагласила геостратешката важност на регионот, особено на Гренланд, како и ранливостите на Канада во Арктикот. Трамп, како што наведуваат поранешни функционери на Белата куќа, подолго време бил загрижен поради активностите на Кина, откако Пекинг во 2018 година се самопрогласи за „блиска арктичка држава“.
Дополнителна загриженост за Вашингтон, според медиумот, предизвикале и потезите на канадскиот премиер Марк Карни, кој по речиси една деценија ја посети Кина и ги опиша Пекинг и претседателот Шји Џјинпинг како „стратешки партнери“. Карни изјави дека воспоставените партнерства ја позиционираат Канада поволно во „новиот светски поредок“.
Во исто време, канадскиот премиер застана на страната на Данска во рамки на НАТО, во контекст на интересот на Трамп за Гренланд, оценувајќи дека постои „голема согласност“ меѓу Шји Џинпинг и американските интереси поврзани со островот.










