Белата куќа ги соопшти членовите на новоформираниот Одбор за мир за Газа, тело кое ќе ја надгледува работата на палестинската технократска влада и ќе ја координира обновата на Појасот Газа, како дел од втората фаза од мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп.
Со Одборот ќе претседава лично Трамп, а меѓу основачките членови се поранешниот британски премиер Тони Блер, државниот секретар на САД Марко Рубио, американскиот специјален пратеник Стив Виткоф и зетот на претседателот, Џеред Кушнер.
Бугарскиот политичар и поранешен специјален пратеник на Обединетите нации за Блискиот Исток, Николај Младенов, ќе биде назначен за претставник на Одборот на терен во Газа. Тој директно ќе соработува со новата палестинска технократска влада, која ќе функционира под името Национален комитет за управа на Газа.
Според најавите, Одборот ќе има и значајна улога во управувањето со процесот на реконструкција на Газа. „Ова е најголемиот и најпрестижен одбор некогаш формиран“, изјави Трамп.
Меѓу членовите се и претседателот на Светската банка, Аџај Банга, како и советникот за национална безбедност на САД, Роберт Габриел, а се најавува дека дополнителни членови ќе бидат именувани во наредниот период.
Претходно беше соопштено дека ќе биде формирана и посебна 15-члена технократска влада, на чие чело ќе застане Али Шат, поранешен заменик-министер во Палестинската самоуправа.
Во рамките на втората фаза од мировниот план се предвидува и формирање Меѓународни стабилизациски сили, кои ќе ја обучуваат и поддржуваат палестинската полиција. Командата на овие сили ќе ја преземе американскиот генерал Џаспер Џеферс.
Првата фаза од планот започна во октомври, кога Израел и Хамас постигнаа договор за примирје, размена на заложници и затвореници, делумно повлекување на израелските сили и зголемување на хуманитарната помош во Газа. Според најавите, следната фаза ќе биде фокусирана на целосна обнова и демилитаризација на Појасот Газа, вклучувајќи и разоружување на Хамас и другите милитантни групи.










