Во тек се претреси кај апелацискиот судија Ѓоко Ристов од Апелациониот суд во Скопје, потврдија од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Претресите се спроведуваат по наредба на јавен обвинител и со дозвола на Основниот кривичен суд Скопје, а се однесуваат на сомневања за злоупотреба на судиската функција.
Името на судијата Ристов се појавува во контекст на истрагата поврзана со поранешниот народен правобранител Фехми Стафа, кој моментално се наоѓа во притвор поради сомневања за примање 50.000 евра мито.
Според обвинителските наводи, Стафа требало да влијае врз судија од Апелациониот суд во корист на свој клиент, што го отвори сомнежот дека токму Ристов може да бил целта на тој незаконски обид за влијание.
Од Обвинителството за организиран криминал и корупција најавуваат дека по завршувањето на претресите ќе следуваат официјални информации и детали за натамошниот тек на постапката.
Случајот дополнително ја продлабочува кризата на довербата во правосудниот систем и повторно ја отвора темата за корупцијата во судството – проблем што со години ја потресува јавноста и останува еден од најголемите предизвици за владеењето на правото во државата.










