Ирачкото Министерство за одбрана соопшти дека последниот контингент американски советници ја напуштил воздухопловната база Ал Асад во западната покраина Анбар. Во соопштението се наведува дека Коалицијата за борба против Исламска држава, предводена од САД, се повлекла од седиштето на Заедничката оперативна команда, оставајќи ги објектите под целосна контрола на ирачките безбедносни сили.
Американските војници и понатаму ќе бидат присутни во воздухопловната база Харир во курдскиот регион Ербил, каде што централната ирачка Влада нема целосна контрола поради автономниот статус на Курдистан.
Намалувањето на американските сили во Ирак трае повеќе години, откако ирачката Влада го побара тоа во 2023 година. По инвазијата на САД во 2003 година, бројот на американски војници достигна 170.000. Во 2011 година поранешниот претседател Барак Обама ги повлече војниците, но во 2014 година околу 5.000 се вратија за борба против Исламска држава. Во декември 2021 година американската армија официјално го заврши борбениот дел од својата мисија во Ирак.
Иако мисијата на територија на Ирак е завршена, американските сили продолжуваат операции против ИД во Сирија, со логистика преку воздухопловната база во Ербил.









