Силниот студ и екстремната топлина можат да предизвикаат пукнување на автомобилското стакло, особено ако веќе постојат мали оштетувања, предупредуваат експертите.
За време на топлотни бранови, возила паркирани на сонце понекогаш добиваат пукнатини на ветробранското стакло веднаш по вклучувањето на климата. Во зимски услови, пак, наглото загревање на замрзнатото стакло од внатрешниот грејач создава термички шок, што го зголемува ризикот од пукање.
Главниот причинител е нерамномерното загревање или ладење на стаклото. Ветробранското стакло е ламинирано и најчесто пукнува постепено, додека страничните и задните стакла, од калено стакло, се распрснуваат одеднаш при достигнување на границата на напнатост. Дури и најмалите микропукнатини можат да се шират под термички стрес.
Експертите советуваат: поправка на мали оштетувања веднаш, избегнување нагли промени на температурата, паркирање во сенка или гаража, постепено загревање и користење стругач за мраз во зима. Полевањето жешко стакло со ладна вода или обратно, исто така, го зголемува ризикот од пукање.










