Бројот на загинати во железничката несреќа во близина на Адамуз, Шпанија, се искачи на најмалку 39 лица, додека голем број патници се повредени. Несреќата се случила кога воз на приватниот оператор „Ирјо“ со околу 300 патници излетал од шините, преминал на соседна пруга и се судрил со воз на „АВЕ“ кој сообраќал на релација Мадрид–Хуелва, управуван од државната компанија „Ренфе“.

Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат сериозно оштетени вагони, од кои дел целосно излетале од шините. Операторот на железничката инфраструктура „АДИФ“ соопшти дека сите линии меѓу Мадрид и Андалузија се суспендирани до понатамошно известување.
Службите за итни случаи, заедно со „Ренфе“ и „Ирјо“, работат на спасување и згрижување на повредените. Некои патници биле принудени да ги кршат прозорците за да излезат, при што настанале дополнителни повреди.
Новинарот Салвадор Хименез од јавниот сервис RTVE, кој патувал со еден од возовите, изјави дека последните два вагона излетале од шините, а едниот целосно се превртел. Неколку патници пријавиле и појава на чад.
Црвениот крст мобилизирал медицински тимови и амбулантни возила од повеќе градови, како и помош со основни потреби за патниците. Шпанскиот министер за транспорт, Оскар Пуенте, се наоѓа во контролниот центар на „АДИФ“ и најави редовни информации за јавноста.
Претседателката на заедницата Мадрид, Изабел Дијаз Ајусо, изрази подготвеност болниците во главниот град да примат повредени и најави ангажирање на тимови за поддршка на семејствата на настраданите.










