Судијата Ѓоко Ристов, во чија семејна куќа во Неготино беа пронајдени околу 350.000 евра соѕидани во ѕид, минатата недела во Апелациониот суд – Скопје пријавил дека е болен и заминал на боледување, по што неговите колеги повеќе не го виделе, тврдат извори од судот.
Оттогаш не е познато дали Ристов се наоѓа во државата, а според истите извори, тој не одговара ниту на мобилниот телефон. Од Јавното обвинителство не дадоа конкретен одговор дали располагаат со информации за неговата локација, наведувајќи само дека „во наредните денови јавниот обвинител ќе процени мерки за обезбедување присуство на осомничениот“.
Две недели претходно, истражителите на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, заедно со МВР, извршиле претрес во станот на судијата Ристов, но таму не било пронајдено ништо сомнително.
Истрагата се пренасочи кон Ристов откако претходно беше отворен предмет против адвокатот Фехми Стафа, осомничен за подмитување судија во Апелациониот суд во Скопје. Во рамки на таа постапка, органите на прогонот дошле до сознанија дека судијата инволвиран во случајот е токму Ѓоко Ристов, во чија семејна куќа, сопственост на неговиот татко, биле откриени голем број евра скриени во ѕид.
Фехми Стафа, поранешен Државен правобранител, според истрагата од 14 декември, му дал поткуп на Ристов во име на обвинетиот бизнисмен Љупчо Пецов, познат како Ѓаволот, кој до неодамна беше во бегство. Во истиот период, сопругата на Ристов работела во Државното правобранителство.
Управата за финансиска полиција соопшти дека рацијата во Неготино била спроведена по наредба на судија на претходна постапка, како дел од поширока истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Според соопштението, претресот бил извршен во домот на родителите на судија од Апелациониот суд во Скопје, осомничен за кривично дело „Недозволена добивка и прикривање на имот“.
При претресот, во посебен простор тајно вграден во ѕидот на објектот, биле пронајдени и запленети околу 350.000 евра, за кои постојат сериозни сомневања дека потекнуваат од нелегални активности поврзани со корупција и злоупотреба на влијание.










