Основното јавно обвинителство Куманово поведе истражна постапка против две лица поради основано сомнение дека заеднички сториле кривично дело Насилство, согласно член 386 од Кривичниот законик.
Според наводите, на 18 јануари по 01:00 часот, осомничените се обиделе да влезат во гостилница која била затворена, со намера и по завршување на работното време да консумираат алкохол. Откако сопственикот не им дозволил влез, тие продолжиле со агресивно однесување во дворот на објектот.
Во текот на инцидентот, сопственикот бил физички нападнат, при што се здобил со тешки телесни повреди, меѓу кои скршеница на раката и повреда на увото. Со своите постапки, осомничените предизвикале чувство на страв и несигурност и кај други лица кои се наоѓале во близина на местото на настанот.










