Родителите на судијата Ѓоко Ристов тврдат дека 350.000 евра, пронајдени соѕидани во ѕид во кујната на нивната семејна куќа во Неготино, им припаѓаат на нив, а не на нивниот син. Ова го соопшти адвокатот на одбраната Звонко Давидовиќ, кој најави жалба на одлуката за куќен притвор, забрана за вадење патна исправа и забрана за добивање нова.
Адвокатот истакна дека спорна е примената на обврската за пријавување на имот, посочувајќи дека во законот постои нејасност дали таа обврска се однесува и на судии. Давидовиќ нагласи дека членот од законот кој го регулира ова прашање создава „двојба“ и дека судот не ги смета судиите за директно опфатени со одредбите за непријавување имот.
Одбраната најави дека ќе поднесе жалба со цел да се преиспита мерката куќен притвор и другите ограничувања кои му се изречени на судијата.









