Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, упати апел до жителите на арктичкиот остров да бидат подготвени за сите можни сценарија, вклучително и воена ескалација, по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на островот.
Нилсен изјави дека воен конфликт не е веројатен, но дека не може целосно да се исклучи. Според него, неопходна е подготвеност за секоја можност, при што нагласи дека Гренланд е дел од НАТО и дека евентуална ескалација би имала пошироки меѓународни последици.
Данската премиерка Мете Фредериксен оцени дека ситуацијата е сериозна и предупреди дека „најлошото можеби допрва доаѓа“. Во меѓувреме, Данска распореди војници во Кангерлусуак, каде што се наоѓа главниот меѓународен аеродром на Гренланд.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, повтори дека Русија и Кина претставуваат закана за безбедноста на Арктикот и оцени дека Данска нема капацитет целосно да го заштити Гренланд, што дополнително ги засили стравувањата и политичките тензии во регионот.










