42-годишен жител на Гостивар вчера (20 јануари) пријавил во ОВР Гостивар дека станал жртва на интернет измама, откако несвесно ги споделил податоците од својата платежна картичка.
Според информациите од полицијата, мажот добил СМС порака со линк кој лажно се претставувал како официјална страница на „Пошта на Северна Македонија“, со наводно известување за ажурирање на податоци поврзани со испорака на пакет. Убеден дека станува збор за реална пратка што ја очекувал, тој пристапил до линкот и ги внел бараните финансиски податоци.
Кратко потоа, од неговата банкарска сметка биле реализирани пет одделни трансакции кон различни правни субјекти, без негова дозвола, при што бил оштетен за вкупна сума од 26.000 денари. Дури по овие неовластени повлекувања, оштетениот сфатил дека станал цел на измамници.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат соодветни мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на одговорноста.










