На четвртиот, последен кат од зградата на Специјалниот суд на Устаничка улица во Белград во понеделник избувна пожар, при што речиси целосно беа уништени неколку канцеларии. Според српските медиуми, оштетените простории ги користи Јавното обвинителство за организиран криминал (ЈТОК).

„Нова“ ексклузивно објави фотографија од кабинетот на обвинител кој работи на финансиската истрага во случајот „Настрешница“, каде што се гледа делумна уништеност од пожарот и интервенцијата на пожарникарите. Вработените успеале навреме да ги изнесат предметите и документацијата од канцелариите, при што најголем дел од критичните предмети се спасени.
Засега причините за пожарот се непознати, а истрагата ја презеде Вишото јавно обвинителство во Белград. Пламенот и чадот се појавиле на таванот на кабинетот на последниот кат, а благодарение на брзата реакција на обвинителите, судската стража и другите вработени, штетата беше минимизирана.
Првично се појавија шпекулации дека во пожарот бил погоден и предметот „Генералштаб“, како и истрагата за убиството на адвокатот Драгослав Миша Огњановиќ, но според проверени информации, документите за овие предмети се безбедни, бидејќи канцелариите на обвинителите кои ги водат не биле на погодениот кат.
Во меѓувреме, некои медиуми ја искористија ситуацијата за шпекулации поврзани со актуелните измени на Законот за јавното обвинителство, но официјално засега нема информации дека некој предмет е целосно уништен.










