Вознемирувачки инцидент со малолетници бил пријавен синоќа во Скопје, откако 36-годишна скопјанка се обратила во полиција тврдејќи дека нејзиниот 16-годишен син бил жртва на физички напад и закани.
Како што информира полицијата, настанот се случил околу 12:30 часот на автобуска постојка на подрачјето на општина Аеродром. Според пријавата, непознато лице со патничко возило му пришло на малолетникот, физички го нападнало и со сила го турнало во багажниот простор од автомобилот. Напаѓачот, наводно, од него барал да открие кој фрлал снежни топки по неговото возило.
Во инцидентот бил нападнат и другарот на малолетникот, кој се обидел да му помогне, по што напаѓачот избегал од местото на настанот.
Од Министерството за внатрешни работи соопштуваат дека случајот е пријавен во 22 часот во СВР Скопје и дека се преземаат мерки за целосно расветлување на настанот и идентификување на сторителот.










