Македонија ќе има свое претставништво на најголемата светска зимска спортска сцена. На Зимските олимписки игри Милано – Кортина 2026, кои ќе се одржат од 6 до 22 февруари, националните бои ќе ги бранат четворица спортисти во две различни спортски дисциплини.
Во нордиското скијање, на патеките за скијачко трчање, ќе настапат Ана Цветановска и Ставре Јада. Двајцата ќе се натпреваруваат во спринт трките, како и во дисциплината интервал старт на 10 километри, каде што ќе се соочат со најдобрите светски имиња во овој спорт.
Алпското скијање ќе го претставуваат Јана Атанасовска и Мирко Лазарески, кои ќе ја имаат својата олимписка шанса во техничките дисциплини слалом и велеслалом. За нив, настапот во Италија претставува круна на долгогодишната работа и настапи на меѓународната сцена.










