Македонските интернет-корисници сè повеќе ја прифаќаат онлајн трговијата. Според најновиот Преглед на Е-трговијата во Западен Балкан, 2025, кој го изготви Асоцијацијата за е-трговија во Македонија (АЕТМ), 63,2% од населението купувало онлајн во 2024 година. Овој процент ја става Македонија меѓу лидерите на регионалниот пазар, но сè уште е под европскиот просек, што покажува огромен потенцијал за раст.
Сепак, извештајот предупредува: самиот раст на бројот на онлајн купувачи не е доволен за одржлив развој. Следната фаза, велат експертите, е „интелигентна“ е-трговија – онаа која го користи целосниот потенцијал на вештачката интелигенција (AI). Од персонализирани понуди и паметен дигитален маркетинг, до оптимизација на логистика и управување со ризици, AI станува клучен двигател за конкурентност на глобалниот пазар.
За да се измери подготвеноста на Македонија за оваа трансформација, во извештајот е применет AI Preparedness Index (AIPI), индекс развиен од Меѓународниот монетарен фонд во 2023 година. AIPI ги рангира земјите преку четири столба: дигитална инфраструктура, иновации и економска интеграција, човечки капитал и политики на пазарот на труд, како и регулатива и етика.
Македонија добива резултат од 0,48, што е под просекот на ЕУ и меѓу најниските во регионот – подобар резултат има само Босна и Херцеговина. За споредба, европските лидери како Данска, Холандија и Естонија имаат AIPI над 0,76. „Нашиот бизнис-екосистем сè уште нема капацитет целосно да ја искористи AI во е-трговијата“, вели Нина Ангеловска Станков, претседателка на АЕТМ. „Следната фаза мора да се фокусира на квалитет, доверба и одржлив развој, не само на квантитет.“
Главните пречки се поврзани со дигиталната инфраструктура и иновативниот капацитет, како и со интеграцијата на земјата во глобалната дигитална економија. Сепак, постојат позитивни сигнали кога станува збор за човечкиот капитал и адаптацијата на пазарот на труд. Според Ангеловска Станков, задачата на асоцијацијата е да ги подготви е-трговците, институциите и потрошувачите за трансформацијата која веќе е во тек.
Овој извештај е седмото издание од регионалната серија на прегледи, а по втор пат е објавен и на англиски јазик, со проширен фокус на цел Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија.
Идниот раст на е-трговијата во Македонија, заклучува извештајот, зависи од тоа колку локалните е-трговци ќе ја прифатат технологијата и ќе ја применат вештачката интелигенција за да ја зајакнат конкурентноста, да обезбедат одржлив развој и да ги заштитат потрошувачите.
Повеќе детали и пристап до извештајот може да се најдат на: https://ecommerce.mk/analizi-i-izveshtai/










