По краткиот здив на стабилно време, Македонија повторно влегува во метеоролошка турбуленција. Од неделна попладне (25 јануари), над земјава ќе се почувствува силното влијание на длабок циклон со потекло од Џеновскиот Залив, кој ќе донесе вистинска временска драма – поројни врнежи, силен јужен и југоисточен ветер и појава на локални невремиња со грмежи.
Метеоролозите предупредуваат дека на одделни подрачја количината на дожд може да надмине 30 литри на квадратен метар, што значително ќе го зголеми ризикот од локални поплавувања и отежнат сообраќај.
Но, временската слика нема да застане тука. Во понеделник следува нов пресврт: студен бран од север ќе ја промени состојбата, при што снежната граница ќе се спушти под 1.000 метри надморска височина. Најизразени снежни врнежи се очекуваат во западните и северните делови од земјата, каде дождот постепено ќе преминува во снег и ќе се формира снежна покривка.










