Абу Даби денеска станува дипломатска сцена на редок и чувствителен обид за пробив во војната во Украина. За првпат од почетокот на конфликтот, на иста маса ќе седнат претставници на Соединетите Американски Држави, Украина и Русија, во рамки на тристрани мировни преговори чија реална тежина сè уште е неизвесна.
Учество на Москва официјално потврди Кремљ, но без преголем оптимизам. Руски извори нагласуваат дека разговорите се водат во атмосфера на доверливост и отвореност, но предупредуваат дека суштински исчекор е малку веројатен доколку не се реши најспорното прашање – територијата. Кремљ јасно порача дека воените операции ќе продолжат сè додека не се изнајде дипломатско решение што, според нив, мора да ги вклучи и „реалностите на теренот“.
Средбата во Абу Даби доаѓа по низа интензивни дипломатски контакти. Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна разговараше со украинскиот лидер Володимир Зеленски на Светскиот економски форум во Давос, додека американска делегација претходно оствари средба и со Владимир Путин во Москва. Клучен сигнал за руската подготвеност за учество дојде по четиричасовниот разговор на Путин со мировниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, како и со Џаред Кушнер.
Од Киев, меѓутоа, пристигнува поинаков тон. Зеленски откри дека трилатералниот формат бил договорен во последен момент и по иницијатива на Вашингтон, што дополнително ја зголемува неизвесноста околу агендата. Украина на разговорите ќе ја претставуваат главниот преговарач Рустем Умеров и шефот на претседателскиот кабинет Кирило Буданов. Русија, пак, ја испраќа делегацијата предводена од адмиралот Игор Костјуков.
Во позадина на денешната средба стојат и нерешените дилеми од минатогодишниот самит меѓу Трамп и Путин на Алјаска. Иако тогаш не беше постигнат договор, дипломатски извори тврдат дека се разговарало за можен компромис – Украина да се откаже од дел од својата територија во замена за прекин на конфликтот. Наводно, Москва инсистирала на источните региони Донецк и Луганск, вклучително и области што сè уште не се под целосна руска контрола.
Зеленски веќе јавно ги отфрли тие идеи. Тој предупреди дека руските барања одат чекор понатаму – цел Донбас – што, според него, би ја оставило Украина без клучниот одбранбен „појас на тврдини“. Таков исход, вели украинскиот претседател, не само што е неприфатлив, туку и би ја отворил вратата за нови руски офанзиви во иднина.









