Москва повторно ја заостри реториката околу Украина, јасно ставајќи до знаење дека без повлекување на украинските сили од источниот дел на земјата, нема простор за трајно политичко решение на војната.
Во пресрет на разговорите што денеска се одржуваат во Абу Даби меѓу претставници на Русија, Украина и САД, Кремљ порача дека Донбас останува клучната точка на спорот. Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, изјави дека повлекувањето на украинската армија од регионот е „основен и неопходен услов“ за каков било напредок.
„Без расчистување на територијалното прашање, разговорите за долгорочен договор се празна надеж“, порача Песков, нагласувајќи дека Москва нема намера да попушти по ова прашање.
Донбас, индустрискиот и рударски појас во источна Украина што ги опфаќа областите Доњецк и Луганск, веќе со години е сцена на жестоки судири. Особено регионот Доњецк, кој е делумно под руска контрола, останува епицентар на борбите што од 2022 година досега однесоа најмалку десетици илјади човечки животи, наведува парискиот весник „Ле Монд“.
И советникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков, го повтори истото. По средбата во Москва меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, Ушаков истакна дека е потврдено оти без договор за територијата не може да се очекува стабилен мир.
Во меѓувреме, денеска во Обединетите Арапски Емирати започнува со работа првата трилатерална работна група за безбедносни прашања. Руската делегација ќе ја предводи шефот на военото разузнавање, адмирал Игор Костјуков.
Од украинска страна, според официјален Киев, во разговорите учествуваат високи државни и безбедносни функционери: секретарот на Советот за национална безбедност Рустем Умеров, шефот на кабинетот на претседателот Кирило Буданов, неговиот заменик Сергеј Кислица, лидерот на претседателската партија Давид Арахамија, како и началникот на Генералштабот на вооружените сили, генерал Андриј Хнатов.










