Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по местимично влажни коловози, информира ЈП Македонијапат. Поради појава на магла, намалена видливост до 100 метри е евидентирана на патните правци Тетово – Скопје и Тетово – Гостивар, додека на патот Тетово – Попова Шапка видливоста изнесува од 30 до 40 метри.
Намалена видливост од 50 до 100 метри има и на патниот правец Делчево – Пехчево, како и на планинскиот превој Ѓавато, додека на превојот Плетвар видливоста е до 50 метри.
Сите патни правци во државата се проодни, но на одредени делници што минуваат низ усеци и клисури можна е појава на поситни одрони.
Од ЈП Македонијапат апелираат до возачите да управуваат внимателно, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да ја прилагодат брзината според условите на патот.









