Унгарскиот премиер Виктор Орбан жестоко реагираше на вчерашниот говор на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Светскиот економски форум во Давос. Од Будимпешта велат дека Зеленски „повторно ја нападнал унгарската влада и лично Орбан“, но унгарскиот лидер нагласува дека критиките на украинскиот претседател биле упатени и кон сите други европски лидери.
„Зеленски вели дека помошта што Европа ѝ ја испраќа на Украина е недоволна, дека оружјето е премалку, а решителноста на Европа е на минимум“, напиша Орбан на мрежата Икс. Премиерот веднаш го поврза тоа со одговорот на Брисел: „Не требаше долго да се чека – претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, веднаш го презентираше својот патоказ за развој на Украина. Во него, Брисел прифати сè што бараше Киев: 800 милијарди долари, забрзан пристап до ЕУ до 2027 година и поддршка до 2040 година“.
Иако Орбан оцени дека Зеленски „сè погрешил“, тој потенцира дека Европа е подготвена да плати. „А ние ќе испратиме појасна порака – со национална петиција ќе кажеме на Брисел: нема да плаќаме“, заклучи унгарскиот премиер.
Во својот говор, Зеленски ја критикуваше „запирачката политика“ на Европа, споредувајќи ја со култниот филм „Денот на мрмотот“. Како што објасни, Европа повторува исти зборови, но не презема конкретни дејства, и покрај постојаните украински апели и изминатата година на конфликти.










