Со температура од минус 4 степени Целзиусови, Берово утринава во 7 часот беше најстуденото место во државата. По него следуваат Попова Шапка и Крива Паланка, каде се измерени минус 3 и минус 2 степени. Минусни температури се регистрирани и во Пожаране и Тетово со минус 2, додека минус 1 степен е измерен во Скопје-Петровец, Тополчани и Маврови Анови.
Температура од 0 степени е измерена во Велес, Демир Капија, Битола, Претор, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци и Прилеп. Еден степен над нулата е забележан во Крушево, Штип, Охрид и Виница, додека 2 степени се измерени во Куманово и Гевгелија. Најтопло утринава било во Струмица со 3 степени Целзиусови.
Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи, највисока снежна покривка од 30 сантиметри е измерена на Попова Шапка. Во Маврови Анови снежната покривка изнесува 11 сантиметри, а во Крушево 4 сантиметри.
Времето денеска ќе биде променливо облачно, со појава на магла во утринските часови по одделни котлини. Во текот на ноќта се очекуваат локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен југоисточен ветер. Максималните дневни температури ќе се движат меѓу 8 и 12 степени Целзиусови.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со магла, а попладне со сончеви периоди. Максималната температура во главниот град ќе достигне околу 7 степени Целзиусови.










