Битолските делегати учествуваат на 31. Конгрес на СДСМ што денеска се одржува во Скопје, каде што лидерот на партијата Венко Филипче упати силни пораки за единство, внатрешна консолидација и активна борба на терен.
Во своето обраќање, Филипче порача дека СДСМ е отворена за секој чесен социјалдемократ, работник и интелектуалец кој ѝ мисли добро на државата, но предупреди дека нема повеќе простор за калкулации, фракции и двојни игри.
Тој нагласи дека партијата мора прво да биде цврста одвнатре за да може да се спротивстави на, како што рече, злото надвор, потсетувајќи дека времето на разединување завршува и дека СДСМ не е место за пазарење функции, туку армија на вредности.
Филипче испрати јасна порака дека секој кој сака искрено да се бори заедно со партијата е добредојден, но дека нема толеранција за оние кои работат против партијата или се обидуваат да ја поткопуваат одвнатре.
Во продолжение на говорот, лидерот на СДСМ истакна дека партијата се враќа меѓу граѓаните и дека борбата продолжува на терен, а не на социјалните мрежи, најавувајќи посети во секој град, село и маало со цел, како што рече, да се разбуди Македонија.










