Авиокомпанијата „Ер Франс“ соопшти синоќа дека привремено ги откажува летовите до Дубаи во Обединетите Арапски Емирати, поради геополитичката напнатост на Блискиот Исток.
„Поради моменталната ситуација на Блискиот Исток, авиокомпанијата одлучи привремено да ги откаже летовите до Дубаи“, се наведува во соопштението. Компанијата додаде дека постојано ја следи ситуацијата во регионите каде што опслужува летови за да обезбеди „највисоко ниво на безбедност“.
Вчера беа откажани два лета од Париз до Дубаи, како и два лета од Дубаи до Париз за денеска. „Ер Франс“ ги следи настаните во реално време и ќе објави дополнителни информации за распоредот на летовите во следниот период.
Во меѓувреме, САД го зголемија притисокот врз Иран во последните денови, иако засега се чини дека се откажале од можноста за воена интервенција, забележуваат меѓународните агенции.










