Новиот предлог-закон за заштита од пушењето се фокусира на превенција и поддршка за лицата кои сакаат да се откажат од никотин, објасни министерот за здравство, Азир Алиу. „Пораката која ја испраќаме е дека системот им помага на пушачите да се ослободат од зависноста, без да бидат стигматизирани“, посочи тој.
Законот предвидува превентивни програми, советувања и едукации, како и целокупна поддршка во процесот на откажување од пушењето. Алиу истакна дека зависноста од никотин е медицински и јавноздравствен проблем и дека превенцијата е поефикасна и поевтина од лекувањето.
Во рамки на законските одредби се утврдени надлежните инспекции, санкции за непочитување и улогата на локалните власти во спроведувањето на мерките. Целта на законот е јасна – намалување на штетните последици од пушењето, а не казнување на пушачите.










