Од 1 февруари 2026 година, во Македонија официјално ќе започне автоматското казнување на сообраќајни прекршоци преку системот „Сејф сити“, кој користи мрежа на камери, сензори и електронски уреди за детектирање прекршоци без директна реакција на патролна полиција.
Системот е воведен како дел од напорите за зголемување на безбедноста во сообраќајот и подобрување на дисциплината на возачите. Преку автоматско снимање на прекршоците и електронско известување за нив, властите очекуваат да се намали бројот на опасни ситуации и сообраќајни незгоди.
Според утврдените правила и измените во Законот за прекршоци и Законот за безбедност на патиштата, камерите ќе ги санкционираат следните видови прекршоци со конкретни и фиксни казни:
Пречекорување на дозволената брзина – казните зависат од надминувањето на брзината:
• до 20 km/h над дозволеното – 20 евра
• 20–30 km/h – 45 евра
• 30–50 km/h – 300 евра и забрана за управување од 3 до 12 месеци
• над 50 km/h – 400 евра, 4 казнени поени и најмалку 12 месеци забрана за управување со возило (во населено место санкциите може да бидат и повисоки).
Минување на црвено светло – парична казна од 250 евра и забрана за управување од 3 до 12 месеци.
Управување со истечена регистрација или сообраќајна дозвола – 100 евра за возачот, 250 евра за сопственикот ако е друго лице.
Непрописно запирање и паркирање – казни од 30 до 50 евра, зависно од ситуацијата, со можност за подигнување на возилото преку пајак-служба и дополнителни трошоци.
Возачите кои платат во рок од осум дена добиваат попуст од 50% од казната, додека по истекот на овој рок казната се плаќа во целосен износ, а може да следи и принудна наплата.
Со воведувањето на „Сејф сити“, надзорот врз сообраќајот преминува кон автоматски систем на електронско казнување, а целта е да се подобри безбедноста на патиштата и да се зајакне дисциплината во сообраќајот низ градовите каде се поставени камерите.










