Република Македонија и Обединетото Кралство направија нов чекор кон продлабочување на економската соработка, откако денеска беше потпишан Протоколот за правила за потекло – документ што има директно влијание врз трговската размена меѓу двете држави. Потписите на протоколот ги ставија министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и британскиот амбасадор Метју Лосон.
Со овој протокол, кој е интегрален дел од Договорот за партнерство, трговија и соработка меѓу Скопје и Лондон, се создава јасна и применлива рамка за користење на т.н. проширена кумулација на потекло. Практично, тоа значи дека македонските компании ќе можат полесно да докажат потекло на своите производи, дури и кога во производниот процес користат материјали од Европската Унија, земјите на ЕФТА или други држави опфатени со ПЕМ-конвенцијата.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија оценуваат дека ова решение значително ќе ги унапреди извозните капацитети на домашната економија. Особено ќе профитираат секторите со сложени производствени синџири, каде што учеството на увезени суровини и компоненти е високо, а пристапот до преференцијален третман на британскиот пазар е клучен за конкурентноста.
Во исто време, протоколот се гледа и како дел од поширокото прилагодување на трговските односи со Обединетото Кралство по Брегзит, со цел да се задржи и зајакне континуитетот во економската размена.
Според официјалните проценки, договорените правила отвораат простор за раст на извозот, привлекување нови инвестиции и креирање работни места. „Ова е важен механизам за посилно позиционирање на македонската економија на еден од најрелевантните европски пазари и за обезбедување поголема економска стабилност за граѓаните“, порачуваат од Министерството.










