Иван Данаилов (25) ги откри деталите од кобната ноќ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, прикажувајќи ја атмосферата што го опкружувала секој посетител. Според неговото сведоштво, тој првпат влегол во клубот на само 16 години, забележувајќи дека и тогаш, како и во ноќта на трагедијата, просторот бил полн со малолетници.
Во саботата на 16 март, Данаилов пристигнал околу 00:50 часот, сам, по покана за роденден. Купил билет на билетарата десно од скалите — место кое, како што посочува, секогаш продавало карти — и, како што истакна, никогаш не добил фискална сметка за купениот билет. Иако на влезот стоело обезбедување, таа вечер никој не го побарал личниот документ, иако во минатото бил враќан поради малолетство.
Влезот во „Пулс“ водел преку скали, потоа краток ходник, обична врата и „каубојска“ врата што се отворала на двете страни. Постоел и втор излез, лоциран лево покрај бината, но Данаилов никогаш не видел некој да го користи.
Внатрешноста на дискотеката била реновирана во последната година: терасите над шанкот биле отстранети, а бината целосно изменета. Кобната вечер, Данаилов бил сместен во првиот ред, веднаш пред сцената. Настапот на групата ДНК започнал околу 02:00 по полноќ, по ди-џеј сетот, и клубот бил преполн — масите биле поставени дури и во средината, што го отежнувало движењето.
Иако не забележал полиција на лице место, слушнал од бината дека полициски службеници спроведувале некаква акција, без прекин на забавата. Сведокот потсети дека во минатото во дискотеката се користеле пиротехнички ефекти за специјални пригоди.
Забавата била нагло прекината кога од бината било соопштено дека избувнал пожар. Данаилов не забележал противпожарни апарати на почетокот, но при обидот да излезе, се разминал Михајло, кој влегувал со противпожарен апарат во рацете. Според неговите сознанија, првичните обиди за гаснење на пожарот започнале токму од просторот околу бината.










