Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски учествува на Самитот на мрежата на балкански градови (B40) во Загреб. Самитот се одржува под мотото „Градовите како двигатели на одржливиот развој“ и е посветен на теми поврзани со урбаниот развој и регионалната соработка.
Во рамки на Самитот, Проданоски ги претставува приоритетите на Општина Прилеп, со фокус на три области: воведување паметни решенија за подобрување на квалитетот на живот, економско поврзување на локалните бизниси со регионот и дигитализација на општинската администрација.
Овие теми се дел и од официјалната агенда на Самитот, кој вклучува панели за зелена транзиција, паметни и отпорни градови. На настанот учествуваат претставници и градоначалници од повеќе балкански градови, меѓу кои Загреб, Софија и Солун.
Градоначалникот учествува и во дискусии посветени на урбано лидерство и енергетска трансформација, при што се разменуваат искуства и практики меѓу локалните самоуправи.
Мрежата на балкански градови B40 претставува една од најзначајните платформи за регионална соработка меѓу локалните самоуправи во Југоисточна Европа. Таа овозможува размена на знаења, добри практики и заеднички иницијативи во областа на одржливиот урбан развој, дигиталната трансформација и економската соработка, со што градовите добиваат посилна улога во креирањето развојни политики и пристап до меѓународни партнерства и проекти.
Во рамки на програмата се одржуваат и билатерални средби, како и разговори со претставници на мрежата ЕУРОСИТИС, насочени кон соработка и поддршка на идни развојни проекти. Учеството на Самитот во Загреб е дел од меѓународните активности на Општина Прилеп.










