Државјанин на Камерун бил лишен од слобода на Граничниот премин Табановце при обид да ја напушти државата со француска лична карта што не му припаѓала и која била евидентирана како документ по кој трага Интерпол.
Случајот бил откриен на 25 јануари 2026 година околу 18:12 часот, при редовна гранична контрола на излез од земјава. Полициските службеници се посомневале во документите што ги приложил 29-годишниот П.М.Ф.Б., по што со дополнителна проверка било утврдено дека личната карта е издадена на друго лице за кое е распишана меѓународна потерница.
Со понатамошните проверки било утврдено дека лицето е евидентирано како корисник на Прифатниот центар Визбегово. Тој пред полицијата изјавил дека француската лична карта ја купил од лице од Скопје за сума од 1.000 евра.
По приведувањето, странскиот државјанин бил предаден на службеници од СВР Куманово, а по целосно документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.









