Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека Техеран покажува подготвеност за дијалог со Вашингтон, откако САД значително го засилија своето воено присуство во близина на Иран. Во интервју за порталот „Аксиос“, Трамп изјави дека испраќањето на моќна американска флота во регионот имало јасен ефект врз иранското раководство.
„Ситуацијата се менува. Испративме огромна флота на Блискиот Исток. Имаме силна армада веднаш до Иран — поголема дури и од онаа што ја имаме кај Венецуела. Тие сакаат договор. Сигурен сум во тоа. Неколкупати се јавија. Сакаат разговори“, нагласи Трамп.
Во меѓувреме, Централната команда на американската војска (CENTCOM) потврди дека борбена група предводена од носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ пристигнала во зоната на нејзина одговорност, која го опфаќа Блискиот Исток, вклучително и Иран. Носачот моментално се наоѓа во Индискиот Океан, а според соопштението, мисијата има цел да ја зајакне регионалната безбедност и стабилност.
Иако реториката од Белата куќа е остра, „Аксиос“, повикувајќи се на неименувани извори, наведува дека Трамп сè уште нема донесено конечна одлука за можна воена ескалација во регионот.
Потсетување дека за време на неодамнешните протести во Иран, американскиот претседател јавно застана на страната на демонстрантите и упати директни закани кон иранските власти, предупредувајќи дека продолжувањето на репресијата може да доведе до американска воена интервенција. Ова дополнително ги засили тензиите меѓу двете земји, во период кога Блискиот Исток повторно станува жариште на глобалната геополитика.










