Со јасна економска агенда и фокус на инвестиции, македонската владина делегација, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, настапи на Светскиот економски форум во Давос – највлијателната глобална платформа каде што се вкрстуваат интересите на политиката и бизнисот.
Настанот, кој традиционално ги собира светските лидери и најмоќните компании, беше искористен за интензивна дипломатска и економска офанзива. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во гостување во „Тема на денот“ на Сител, нагласи дека Давос не е само место за дебати, туку и простор за директни договори, контакти и отворање врати за идни соработки.
„Нашата мисија беше прецизна – економија, трговија и инвестиции. Разговаравме со компании кои имаат реален капацитет да вложуваат и да создаваат вредност во Македонија, а дел од тие контакти веќе влегоа во фаза на продлабочена комуникација“, истакна Муцунски.
Во тој контекст, делегацијата одржа средби со претставници на компанијата „For Age“, како и со врвниот менаџмент на глобалниот гигант „Филипс“. Разговорите, според Муцунски, не завршиле во Давос – веќе е воспоставена дополнителна, директна комуникација со еден од главните потпретседатели на „Филипс“, што укажува на сериозен интерес за конкретна соработка.
Посебна тежина на настапот ѝ даде и улогата на премиерот Мицкоски како панелист на еден од клучните панели посветени на енергетиката. Тој говореше рамо до рамо со американскиот секретар за енергетика, Крис Врајт, отворајќи теми за глобалните енергетски предизвици, транзицијата и инвестициските можности во овој сектор.
Муцунски потенцираше дека присуството во Давос било искористено и за внимателно следење на светските економски трендови, но и за позиционирање на Македонија како партнер отворен за бизнис. „Очекуваме во наредниот период овие средби да се преточат во конкретни проекти и придобивки за граѓаните“, додаде тој.
Воедно, најави дека дипломатската активност продолжува. За неколку недели, владина делегација, повторно предводена од премиерот Мицкоски, ќе замине во Минхен на Политичко-безбедносниот форум, каде што фокусот ќе се префрли на прашања од безбедноста и геополитиката, со низа средби со клучни меѓународни лидери.










