Македонското друштво “Илинден“-Тирана ги отфрла како неосновани и тенденциозни обвинувањата изнесени во пропагандна емисија „Студио Actualno Балкани“ и настапот на Ервис Талури, претставник на т.н. Друштво за бугарско-албанско пријателство, структура која одамна нема ништо заедничко со пријателство, а со манипулација, асимилација и криминал.
Станува збор за класична медиумска манипулација со цел замолчување на македонските активисти во Република Албанија.
Во пропагандна емисија „Студио Actualno Балкани“ Ервис Талури, претставник на т.н. Друштво за бугарско-албанско пријателство директно ја напаѓа Македонска алијанса за европска интеграција и нејзиниот претседател. Овие емисии претставуваат продолжение на долгогодишната политика на Бугарија за негирање на македонската нација и македонскиот идентитет.
Ервис Талури, роден и израснат во Албанија, од татко Албанец и мајка Македонка, по целосно школување, финансирано и организирано од бугарската држава – од средно образование до докторски студии – денес се враќа во Албанија како „експерт“ за бугарско малцинство, со задача да ги негира Македонците, да ја напаѓа македонската партија и да ја релативизира вистината.
Таквата политика, која користи методи од 19 век, е спротивна на европските вредности и основните човекови права.
Но јавноста мора да знае: зад оваа пропаганда стои добро организиран механизам. Друштвото за бугаро-албанско пријателство со години е поврзано со бизнисот со бугарски пасоши, каде од албански граѓани се наплаќаат илјадници евра за „докази за потекло“, лажни потврди и посредување. Овој криминален модел не е тајна – за него имаше апсења и во самата Бугарија и Албанија, а дел од инволвираните лица завршија и на меѓународни црни листи.
И покрај притисоците со кои сме постојано соочени – преку разни методи, Македонското друштво “Илинден“-Тирана ќе продолжи одлучно да се бори против негацијата на македонскиот идентитет од страна на бугарските оркестрирани структури, како во Албанија, така и во европските институции, – стои во сопштението на Македонско друштво “Илинден”-Тирана.










