Ски-центарот „Попова Шапка“ соопшти дека на скијачките патеки е евидентиран инцидент во кој лице со ATV возило неовластено влегло на теренот и изведувало опасни маневри, при што биле оштетени делови од подготвените патеки.
Од управата на ски-центарот оценуваат дека ваквото однесување е крајно неодговорно и претставува директна закана за безбедноста на скијачите и посетителите, поради што случајот ќе биде пријавен во полиција и кај надлежните институции за понатамошно постапување.
Истовремено, од ски-центарот потсетуваат дека на целата територија се поставени јасни забранувачки табли и дека движењето со мотори, ATV или други моторни возила по скијачките патеки е строго забрането.
Најавено е дека во иднина сите слични инциденти ќе бидат документирани и јавно објавувани на официјалната веб-страница и на социјалните мрежи на ски-центарот, со цел да се спречат вакви појави и да се заштити безбедноста на посетителите.
Од „Попова Шапка“ им се заблагодарија на посетителите за разбирањето и почитувањето на правилата, апелирајќи на одговорно однесување со цел непречено и безбедно одвивање на скијачката сезона.










