Европската Унија повторно се соочува со прашањето што со години се крие под површината: дали правото на вето, како столб на едногласноста, станува кочница наместо заштита. Поводот овојпат е Русија – и неспособноста на Брисел да реагира доволно брзо и одлучно во надворешната и безбедносната политика.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, јавно ја отвори дебатата за можно напуштање на моделот на едногласно одлучување и постепено воведување гласање со квалификувано мнозинство во ова чувствително поле. Според неа, сегашниот систем, во кој секоја земја членка има право да стави вето, сè почесто резултира со блокади и одолговлекување на одлуки во моменти кога брзината е клучна.
„Мораме да бидеме искрени – вака повеќе не оди. Ако сакаме Европската Унија да биде сериозен и влијателен глобален актер, треба да ги направиме нашите процедури поефикасни и похрабри“, порача Калас, нагласувајќи дека проширувањето на квалификуваното мнозинство би ѝ дало на Унијата поголема флексибилност и сила во справувањето со кризи.
Според неа, промената на моделот на одлучување не значи укинување на суверенитетот на земјите членки, туку создавање механизам што ќе овозможи побрзи и појасни реакции во ситуации како војната во Украина, санкциите кон Русија и другите геополитички предизвици.
Дебатата дополнително се засили откако весникот Политико на 17 декември предупреди дека неуспехот на ЕУ да постигне договор за конфискација на замрзнатите руски средства може да има „катастрофални последици“. Токму овој пример, според аналитичарите, јасно ја разоткри слабоста на системот што зависи од консензус на 27 различни интереси.










