Деновиве беше организирана тркалезна маса на која се зборуваше за Програмата за култура на Општина Битола за годинава, со цел запознавање на јавноста со оваа програма која, како што беше речено ќе донесе освежување на културната понуда во 2026.
Пред присутните се обрати и Љупчо Милевски, директор на Националната установа Камерен оркестар на Битола, кој упати искрена благодарност до Општина Битола и до градоначалникот Тони Коњановски, како и честитки по повод промоцијата на поддршката за културните случувања во Општина Битола.
„Камерниот оркестар на Битола во концертната сезона што следува, во текот на 2026 година, аплицираше со голем број проекти во рамки на програмите на Министерството за култура и туризам. Покрај тие проекти, реализираме и значителен број активности кои се надвор од таа програма, а се остваруваат благодарение на поддршката од Општина Битола“ вели директорот Милевски.
Според него поддршката од Општина Битола и од градоначалникот Тони Коњановски во текот на концертните сезони не е само морална, туку и финансиска со што значително се придонесува за развојот на културниот живот во нашиот град.
Со формирањето на оркестарот како јавна културна установа беа поставени темелите за институционално, професионално и континуирано функционирање во рамките на македонскиот културен систем.
Институцијата делува со мисија да ја aфирмира и развива музичката уметност, да ја збогатува културната сцена со квалитетни програми, да овозможи пристапност и континуитет на класичната и камерната музика, да ја промовира македонската музичка традиција во земјата и надвор од неа и ги поттикнува новите генерации музичари и публиката преку современи и разновидни пристапи.
Камерниот оркестар на Битола се стреми кон современ музички израз, уметничка разнообразност и квалитет, како и кон создавање нови можности за културен развој во регионот и пошироко.
Фотографии: Камерен оркестар на Битола










