Три лица од Скопје се уапсени откако полицијата и Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција пресекле транспорт на 150 килограми марихуана.
Акцијата се реализирала на 26 јануари на регионалниот пат близу Свети Николе, кога полицијата запрела шлеп-возило кое превезувало патнички автомобил полн со дрога.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, по претходно добиени информации, го следел транспортот и навреме интервенирал. При контрола на „опел комбо“ шлепуван автомобил, полицијата пронашла осум торби со 50 пакувања марихуана, сместени во багажникот и на задната клупа.
Според истрагата, возилото било купено во Струга специјално за транспорт на дрогата, но поради техничка неисправност било ангажирано шлеп-возило за транспортот кон Скопје и Свети Николе. Двајца од осомничените се движеле како „претходница“ во друго возило.
Форензичката анализа потврдила дека станува збор за 150 килограми марихуана. Јавен обвинител од ОЈО ГОКК веднаш отвори истражна постапка против тројцата осомничени за неовластено производство и трговија со дрога. Поради опасност од бегство и влијание врз постапката, обвинителот побарал и добил притвор за осомничените.









