Премиерот Христијан Мицкоски повторно ги потврди своите ставови околу уставните измени на денешната седница во Собранието, нагласувајќи дека додека тој е на чело на Владата, тие нема да се реализираат без исполнување на два клучни услови.
„Уставни измени нема да има додека не се исполнат минимум два услови. Првиот е македонската заедница во Бугарија да ги добие загарантираните права според меѓународното право и конвенциите за човекови права. Вториот услов е обезбедување гаранции за македонскиот идентитет, македонскиот јазик и за тоа дека во иднина нашата држава нема да се соочува со билатерални блокади и опструкции по субјективни причини“, истакна Мицкоски.
Премиерот додаде дека државата е подготвена да се соочи со критики за слабости во владеењето на правото или недоволно исполнување на обврски, но не прифаќа ограничувања кои доаѓаат од билатерални политички игри. „Ако сме направиле грешка во домашните политики, тоа е една работа. Но дека нема повеќе да има билатерални прашања кои ќе го блокираат нашиот пат кон Европа, тоа не можеме да прифатиме“, рече Мицкоски.
Тој ги повика пратениците да не поддржуваат уставни измени без исполнување на овие два услови, посочувајќи дека во иднина, кога тој ќе ја напушти премиерската функција, можеби ќе има друг одговор. „Додека сум јас премиер, нема промена. Кога ќе не бидам повеќе, друг ќе одлучува“, нагласи Мицкоски.
Премиерот ја потенцираше и состојбата на македонската заедница во Бугарија, која, како што рече, му е одземена секоја можност за културна автономија и користење на мајчиниот јазик. „Во 1956 година македонците во Пиринскиот крај биле околу 200.000 луѓе, мнозинство во регионот. На пописот од 1965 година бројот магично паѓа на само 9.000. Сега тие бараат само право да основаат организација која ќе ги застапува нивните интереси – ОМО Илинден Пирин. Дали тоа е премногу?“, праша Мицкоски.










