Во време кога цената на златото ја надмина границата од 5.000 долари за унца, земјите од Источна и Југоисточна Европа продолжуваат да го гледаат благородниот метал како најсигурна инвестиција. Полска, на чело со гувернерот Адам Глапински, се издвојува како најагресивен купувач. Само минатата година, Народната банка на Полска ја зголеми својата златна резерва за 102 тони, што е речиси двојно повеќе од износот купен од вториот најголем официјален купувач, Казахстан, кој додаде 49 тони.
Глупински, кој од пред десет години ја води централната банка, ги претвори полските златни резерви од скромни нивоа во вистинско богатство, зголемувајќи ги повеќе од петкратно. На јавни презентации често позира пред полици преполни со златни прачки, заработувајќи го прекарот „Златен гувернер“. Според него, купувањата се водени од принципите на безбедност, ликвидност и долгорочна профитабилност. „Златото е сидро на безбедноста на земјата, столб на доверба во полската валута и гаранција за национална независност“, истакнува Глупински, без да се поколеба за можниот пад на цената.
Во регионални рамки, Полска не е осамена. Чешка, на пример, од дванаесет тони во 2023 година ги зголеми своите резерви на 72 тони, со цел да достигне 100 тони до 2028 година. Турција, исто така, продолжува со систематски купувања, потврдувајќи дека златото повторно се смета за најсигурно средство за заштита на националната економија.
На светската сцена, Полска би се нашла меѓу десетте земји со најголеми резерви, со проектирани 700 тони, веднаш зад Германија со 3.350 тони, но далеку пред многу други европски земји. И додека некои економисти потенцираат дека златото не носи камата, искуството на Полска покажува дека неговата вистинска вредност се мери во стабилност и доверба – нешто што парите на хартија не можат секогаш да го гарантираат.








