Пратеничката во Собранието на Република Македонија и редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, Иванка Василевска, информираше дека Парламентарното собрание на Советот на Европа донело одлука за затворање на пост-мониторинг дијалогот за Македонија, оценувајќи дека државата остварила одржлив напредок во демократијата, владеењето на правото и заштитата на човековите права.
Како што соопшти Василевска од седиштето на Советот на Европа во Стразбур, одлуката беше донесена на попладневното заседание на зимската пленарна сесија, по усвојувањето на Резолуцијата подготвена од Мониторинг комисијата. Известители за Резолуцијата беа Сибел Арслан од Швајцарија, од политичката група на Социјалистите, и Џозеф О’Рајли од Ирска, од Европската народна партија.
Со оваа одлука, Парламентарното собрание на Советот на Европа го признава исполнувањето на обврските преземени при отворањето на пост-мониторинг дијалогот во 2000 година, како и политичката посветеност на македонските институции за унапредување на демократските стандарди. Истовремено, одлучено е земјата во иднина да се следи преку механизмот за редовен периодичен преглед.
Василевска нагласи дека значењето на мониторинг процесот е препознаено и во односите меѓу Советот на Европа и Европската Унија, при што исполнувањето на обврските кон Советот на Европа се смета за важен елемент во процесот на евроинтеграција.
„Затворањето на ова поглавје претставува чин на највисока потврда за исполнувањето на обврските за одржување на највисоките демократски стандарди и стандардите за човековите права во Република Македонија“, истакна Василевска.
Таа посочи дека во процесот, кој траеше 25 години, учествувале сите политички фактори во државата, а во последната година и половина, по формирањето на новата Влада предводена од премиерот Христијан Мицкоски, значаен придонес дале и пратениците Марија Петрушевска, Бисера Костадиновска Стојчевска и Беким Ќоку, како и амбасадорката на постојаната мисија при Советот на Европа, Светлана Гелева.
Според Василевска, затворањето на пост-мониторинг дијалогот се очекува да има позитивно влијание врз евроинтеграциските процеси на Македонија и да претставува дополнителна потврда за демократската зрелост на државата.









