Речиси две години по злосторството што засекогаш ја обележа Србија, случајот „Рибникар“ повторно се враќа во судницата. Денес, пред Вишиот суд во Белград, одново започнува судскиот процес против Владимир и Милјана Кецмановиќ, родители на малолетникот К.К, кој на 3 мај 2023 година во училиште уби десет лица и рани уште шестмина.
На денешното рочиште, двајцата обвинети првпат во повторената постапка ќе се изјаснат дали се чувствуваат виновни. Во претходниот процес, кој се одвиваше зад затворени врати, тие ја отфрлија одговорноста.
Повторувањето на судењето следи откако Апелациониот суд ја укина првостепената пресуда со која таткото беше осуден на 14 и пол години затвор, а мајката на три години, оценувајќи дека постапката мора да се спроведе повторно. Со таа одлука, правдата повторно се врати на почеток, а очекувањата на јавноста се уште поголеми.
Обвинителството, пак, не ја крие намерата: бара максимални казни. Главниот јавен обвинител Ненад Стефановиќ веќе порача дека доказите, според нив, недвосмислено упатуваат на сериозна одговорност на родителите и дека ќе инсистираат на најстрога судска одлука.
Покрај кривичниот процес, семејствата на убиените и ранетите поведоа и низа граѓански постапки против Кецмановиќ, кои во прв степен веќе се завршени, но ја продлабочија правната и моралната тежина на случајот.
Самото злосторство, кое ја шокираше земјата, го изврши К.К кој тогаш немаше наполнети 14 години и поради тоа не може кривично да одговара. Два дена пред нападот, тој дошол до оружјето на својот татко, а наутро на 3 мај го внел во училиште. За време на првиот час, со огнено оружје уби девет ученици и училишен чувар, а тешко рани уште неколку деца и наставничка.










