Германскиот канцелар Фридрих Мерц ја поздрави одлуката на Русија и Украина за привремено прекинување на нападите врз Киев и другите украински градови, нагласувајќи дека секој чекор кон намалување на насилството е значаен за патот кон мирот. „Ги поддржуваме сите напори за прекин на огнот. Украина заслужува праведен и траен мир“, напиша Мерц на социјалната мрежа X, потенцирајќи дека меѓународната заедница не смее да ја изгуби фокусот од политичкото решение на конфликтот.
Во меѓувреме, канцеларот имал телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски, во кој се дискутирале постигнатиот договор и следните можни чекори. Мерц нагласил дека привремениот прекин на огнот треба да биде прв чекор кон подлабок процес на деескалација и трајно решавање на конфликтот.








