По повеќе од пет децении од последната пилотирана мисија до Месечината, човештвото се подготвува за нов пресврт во историјата на вселенските истражувања. Американската вселенска агенција НАСА ја најави мисијата „Артемис II“, која ќе означи прв човек околу Месечината од времето на програмата „Аполо“.
Мисијата ќе биде тестирачка и пилотирана – астронаутите ќе кружат околу Месечината, без да слетаат на нејзината површина. Главната цел е темелно тестирање на новиот ракетен систем SLS и вселенското летало „Орион“, технологии кои ќе бидат клучни за идните мисии со слетување.
Летот е закажан за февруари 2026 година и ќе трае приближно 10 дена. „Орион“ ќе ја следи таканаречената слободна траекторија околу Месечината пред да се врати на Земјата, носејќи тим од четворица астронаути: командантот Рид Вајсман, пилотот Виктор Гловер, специјалистката за мисијата Кристина Кох и канадскиот астронаут Џереми Хансен. Ова ќе биде првпат Канада да има свој претставник во мисии околу Месечината.
„Артемис II“ е само првиот чекор кон „Артемис III“, кога астронаутите ќе се спуштат на месечевата површина, вклучувајќи прва жена и прв астронаут од различно етничко потекло. Долгорочната цел на програмата „Артемис“ е воспоставување трајно човечко присуство на Месечината, кое ќе служи како платформа за идни експедиции кон Марс.










