Европска институционална „зелена светлина“ за Македонија стигна од Стразбур. Парламентарното собрание на Советот на Европа на јануарската сесија одлучи да го затвори постмониторинг дијалогот со државата, оценувајќи дека е направен значаен исчекор во исполнувањето на демократските и правните стандарди. Наместо засилен надзор, земјата понатаму ќе биде следена преку механизмот за редовен периодичен преглед – рамка што ја имаат стабилните членки на Организацијата.
Резолуцијата, изработена од известителите Сибел Арслан од Швајцарија и Џозеф О’Рајли од Ирска, нотира напредок во клучните области: владеењето на правото, заштитата на човековите права, демократските процеси и активната соработка со телата на Советот на Европа. Во документот јасно се признава и континуираната политичка волја на земјата да ги исполни обврските преземени уште со членството во 2000 година.
Од собраниската прес-служба потсетуваат дека мониторинг-комисијата има централна улога во надзорот на почитувањето на обврските што произлегуваат од Статутот на Советот на Европа, Европската конвенција за човекови права и другите меѓународни конвенции на кои се обврзале земјите-членки. Токму затоа, нагласуваат, мониторинг-процесот има пошироко значење и во контекст на европските интеграции.
Советот на Европа и Европската Унија, како што се наведува, имаат тесна соработка и координација, особено во процесите на проширување. Исполнувањето на стандардите на Советот на Европа се смета за клучен предуслов што директно влијае врз напредокот, динамиката и успехот на евроинтеграциските аспирации на секоја држава.
На јануарската сесија во Стразбур, Македонија беше претставена од пратениците Иванка Василевска, како заменик-шеф на делегацијата, и членовите Беким Ќоку и Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Василевска ја оцени одлуката како јасно признание за долгогодишните напори на државата, посочувајќи ги фер и демократските избори, мирната смена на власта, изборот на првата жена претседател и резултатите во борбата против корупцијата, потврдени и од ГРЕКО.
Беким Ќоку, пак, истакна дека оваа одлука има пошироко регионално значење, оценувајќи ја Македонија како стабилен и доверлив партнер на Европа, целосно усогласен со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и јасно насочен кон членство.
За Бисера Костадиновска-Стојчевска, резолуцијата е директен одраз на волјата на граѓаните за европска иднина. Таа порача дека усвојувањето на документот испраќа недвосмислен сигнал до институциите дека местото на Македонија е во Европската Унија – и дека тој чекор треба да се случи без понатамошно одложување.










