Во силна конкуренција од 243 научноистражувачки трудови поднесени од 11 земји, проф. д-р Глигор Тофоски од Северна Македонија е еден од двајцата финалисти во областа на гинекологијата на 12-тите Меѓународни Медис награди за медицински истражувања. Неговиот труд „Онколошки исход и бременост по третман за зачувување на фертилитетот со медроксипрогестерон ацетат кај жени со премалигни и малигни ендометријални лезии“ беше објавен во престижното списание European Journal of Surgical Oncology и ја анализира ефикасноста и безбедноста на високодозен медроксипрогестерон кај девет млади жени со рана фаза на ендометријален карцином и премалигни лезии.
„Со внимателна селекција на пациентките и строго следење, можеме да понудиме онколошки безбедна терапија која истовремено им дава надеж за мајчинство. Чест ми е што трудот е меѓу финалистите, што е силен поттик за продолжување на научната работа која директно им помага на пациентките“, изјави проф. д-р Тофоски, раководител на Одделот за инфертилитет и асистирана репродукција при Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.
Од вкупно 243 поднесени трудови, 196 ги исполнија строгите критериуми и беа номинирани. По детална евалуација, Комисијата избра 18 финалисти, по двајца од секоја од деветте медицински области. Финалистите доаѓаат од Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Унгарија, Црна Гора, Македонија, Србија, Словачка и Словенија. Право на учество имаат лекари и фармацевти кои објавиле трудови во научни списанија со импакт-фактор повисок од 1,500.
Покрај гинекологијата, финалистите се:
- Дерматологија: Јелена Петковиќ Дабиќ (БиХ) и Терезија Томова (Чешка)
- Интензивна медицина и анестезиологија: Хелена Остовиќ и Влатка Сотошек (Хрватска)
- Неврологија: Берислав Рушка (Хрватска) и Гертруд Тамаш (Унгарија)
- Офталмологија: Грета Кеменеш (Унгарија) и Леон Марковиќ (Хрватска)
- Педијатрија: Клемен Довч (Словенија) и Михаела Рихтрова (Чешка)
- Фармација: Милица Бајчетиќ (Србија) и Матеј Штухец (Словенија)
- Пулмологија и алергологија: Петер Копач (Словенија) и Либорија Луговиќ Михиќ (Хрватска)
- Ревматологија: Јелена Чолиќ (Србија) и Маркета Дудкова (Чешка)
Свеченоста на доделување на наградите ќе се одржи на 12 март 2026 година во Љубљана, Словенија.
Меѓународните Медис награди се воспоставени во 2014 година по иницијатива на словенечката компанија Медис и се признавање за иновативни научно-истражувачки достигнувања кои директно придонесуваат за напредокот на медицината и фармацијата. Целта е да се истакнат овие истражувачи пред пошироката јавност и да се охрабрат да продолжат со научната работа која носи реален бенефит за пациентите.
Повеќе информации се достапни на: www.medis-awards.com








