Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари серија значајни средби со меѓународни партнери од Шведска, Холандија и со претставници на Marmara Group, со фокус на унапредување на соработката, привлекување инвестиции и подигнување на стандардите во енергетскиот и рударскиот сектор.

На средбата со амбасадорот на Кралството Шведска било разговарано за продлабочување на билатералната соработка, размена на експертиза и поврзување на домашните универзитети со шведските искуства. Божиновска истакнала дека Шведска претставува пример за технолошки напредно и одржливо рударство, знаење кое, како што посочила, е потребно за модернизација на македонскиот сектор.

Со амбасадорката на Кралството Холандија, министерката ја зајакнала комуникацијата во делот на обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност. Во фокусот на разговорите биле иновациите, практичните решенија и конкретната експертска поддршка за спроведување на зелената транзиција.
Божиновска остварила средба и со претставници на Marmara Group, при што биле разгледани можностите за инвестиции во соларната енергија, како и потенцијалното учество на Евроазискиот економски самит. Според неа, ова претставува платформа преку која Македонија може да се позиционира како сериозен и стабилен партнер на меѓународната економска сцена.

„Македонија сака модерна енергетика, одговорно рударство и чист воздух. Работиме на зелена транзиција, но и на економска стабилност. Работиме на инвестиции, но и на знаење. Работиме на партнерства што носат резултати“, порача Божиновска.
…










