Сериозен инцидент се случил во Чешка, каде ноќен напад врз индустриски објект резултирал со голем пожар, а случајот се истражува како можен терористички чин.
Според информациите, група маскирани лица упаднала во фабрика во сопственост на украинската компанија „Archer“, по што бил предизвикан пожар. Огнот зафатил магацин, а потоа се проширил и на административен објект.
Компанијата соопшти дека и покрај штетата, ќе продолжи со производството и ќе ги исполни сите обврски за испорака.
Во првичните извештаи се наведуваше дека станува збор за производство на дронови, но подоцна беше појаснето дека фабриката произведува термална опрема за украинската армија.
Одговорност за нападот презела група наречена „Earthquake Faction“, која тврди дека акцијата ја извела поради наводни врски на компанијата со воена индустрија поврзана со Израел.
Оваа група се претставува како анти-израелска и наведува дека цели на нејзините акции се објекти поврзани со, како што велат, „ционистичкиот режим“.
Чешките власти го третираат случајот како тероризам, а во истрагата не се исклучува ниту можноста за странско влијание, вклучително и потенцијална поврзаност со руски структури.
Истрагата е во тек, а повеќе детали се очекуваат во наредните денови.












