Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска појасни дека новата систематизација во МВР драматично ја намалува раководната структура и ги поставува позициите според професионалните способности, а не етничката припадност. Изјавата ја даде на почетокот на кампањата на ОБСЕ за подигнување на јавната свест за ризиците од злоупотреба на мало и лесно оружје, одговарајќи и на новинарски прашања за измените во Министерството и злоупотребата на боледувања.
Тошковски појасни дека реформата е резултат на новите Закони за внатрешни работи и за полиција, кои наложуваат реорганизација според законските правила. – Клучната промена е значително намалување на бројот на началници, заменици и помошници. Според првичните проценки, раководната структура се намалува за околу 37–38 отсто. Повеќе нема да постојат функции само заради функција, туку секоја позиција ќе има јасни одговорности и стандарди, истакна министерот.
Тој потенцираше дека систематизацијата нема етнички предзнак и дека секој кој ги исполнува критериумите за образование, искуство и професионални способности може да аплицира за раководни позиции. – Лично познавам голем број професионалци од различни заедници – Албанци, Турци, Роми, Бошњаци и Македонци – кои можат да бидат дел од новата раководна структура, додаде Тошковски.
Во однос на злоупотребата на боледувања во полицијата, министерот оцени дека процентот е фрапантен и дека истрагата продолжува. По негово барање, внатрешната контрола во МВР отворила истрага, а во процесот е вклучен и Фондот за здравствено осигурување. – Одговорноста за издавање боледување е кај докторот, не кај полицискиот службеник, ако немало основ. Според првичните контроли на ФЗО, секој четврти или петти од проверените случаи покажувал индиции за злоупотреба, што е навистина сериозно, рече Тошковски.
Министерот нагласи дека истрагата е во тек и ќе биде целосно завршена.
…












