Со цел да се забрза дигиталниот развој и да се зголеми човечкиот капитал, Министерството за дигитална трансформација потпиша Меморандум за соработка со светскиот технолошки гигант, Oracle. Партнерството носи конкретни придобивки за граѓаните, со пристап до над 200 часа бесплатни дигитални обуки, прилагодени за сите нивоа на знаење.
Целта е 10.000 граѓани да бидат обучени во следните три години, а дел од нив да добијат и меѓународно признати сертификати. Овој потег не само што ја зголемува вработливоста и конкурентноста на пазарот на труд, туку и директно ја поддржува економијата преку инвестиција во знаењето на луѓето.
„Дигиталната трансформација не почнува со технологијата, туку со луѓето“, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски. „Во време на брз развој на дигиталната економија, најголемиот капитал на една држава се луѓето кои знаат како да ја користат технологијата.“
Партнерството со Oracle ќе ги поврзе образованието, институциите и граѓаните со современи алатки и програми за учење во критични области како cloud технологии, вештачка интелигенција, сајбер безбедност и управување со податоци.
Соработката се базира на два столба: првиот, Oracle Academy, е наменет за високообразовните институции, овозможувајќи студентите да стекнуваат знаења што се усогласени со реалните потреби на индустријата. Вториот столб, Oracle University Skills Development Initiative, е насочен кон пошироката јавност и овозможува структуриран систем за обука, преквалификација и дообука, вклучително и преку Националниот портал за е-услуги.












