Во рок од само 48 часа, два одвоени трагични настани ја вознемирија јавноста во Македонија, откако животите ги загубија две лица во различни околности.
Првиот случај се случил во близина на Виница, каде 80-годишен државјанин на Грција застрелал 56-годишен ловочувар Д.А. од селото Липец за време на лов. Според информациите од полицијата, против осомничениот е поднесена кривична пријава по член 123 од Кривичниот законик за убиство, а во врска со случајот четири лица се лишени од слобода.
При извршените претреси во апартманите и возилата кои ги користеле осомничените, биле пронајдени четири ловни пушки, околу 800 парчиња муниција, како и други предмети кои се од интерес за истрагата.
Вториот трагичен настан се случил утрово во Росоман, каде 27-годишен маж со остар предмет ја убил својата 54-годишна мајка во семејниот дом, околу 07:30 часот. Според надлежните, осомничениот И.Р. сам се пријавил во полиција.
На местото на настанот увид извршиле јавен обвинител и екипа од ОВР Кавадарци. Жртвата починала од здобиените повреди, а осомничениот е лишен од слобода и против него ќе следува соодветна кривична пријава.
Надлежните институции продолжуваат со истрагите за двата случаи.
…












